01.11.2018

Гранатирање, ракетирање и бомбардирање со Хеликоптер Ми-8 и Ми-24

Воздухопловната бригада, согласно редовните годишни плански активности за обука на единиците, на ден 31.10.2018 година на АП „Криволак“ изврши боево гаѓање со гранатирање, ракетирање и бомбардирање (ГРБ) со хеликоптери од типот Ми-8 и Ми-24 од составот на воздухопловните сквадрони.

 

ГРБ-то беше изведено со ненаведувани ракети со кои што се гаѓаат цели на земја. Активноста се изведе како дел од редовната обука на пилотите, а воедно и стекнување на поголемо искуство.

 

Пред реализација на ГРБ пилотите најпрвин изведуваа теоретска обука, по што следуваше фиктивно ракетирање и гаѓање и на крај се пристапува кон изведување на боево ракетирање и гаѓање со митралез 12.7 мм.

 

Целта на ова гаѓање преставува согледување на теоретските знаења и практичната оспособеност на екипажите на хеликоптерите, при изведување на одредени тактички постапки и активности во давање на воздухопловна поддршка на копнените единици, со извршување на ракетирање на цели на земја со ненаведувани ракети. Исто така со ова гаѓање се изврши проверка на останатите единици на воздухопловната бригада за степенот на оспособеноста за координација на активностите во доменот на набљудување на воздушниот простор, наведување, координација, одржување и опслужување на воздухопловите при изведување на споменатите борбени задачи.

 

Активноста беше под надзор на искусни пилоти кои учествуваат во целиот процес на планирање и изведување на гаѓањето.

 

ЗЦ/MJ/НЈ