04.10.2018

Командантско извидување и месечно реферирање на командантите на потчинетите единици на ЗОК

Согласно планот за работа на Здружената оперативна команда (ЗОК), за месец октомври 2018 година, клучниот персонал од командата на ЗОК и командантите на потчинетите единици на ЗОК, предводени од командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски на ден 02.10.2018 година, реализираа командантско извидување и месечно реферирање на командантите на ППЕ на ЗОК во зоната на одговорност која го опфаќа југоисточниот дел од просторот на Република Македонија.

 

Целта на оваа активност беше да се извиди просторот и да се согледаат неговите воено-географски карактеристики, тактички услови како и просторните ограничувања кои влијаат на проценката и организација на борбени дејства.

 

Командантското извидување се реализираше на три работни точки: превој „Костурино“, Валандовско брдо и Дојран.

 

На практичната работа по работните точки началниците на секциите беа брифирани за разузнувачка подготовка, географската и тактичка ориентација на теренот, проучување на земјиштето и неговите карактеристики и начинот на содејство и координација со останатите субјекти на одбранбено-заштитниот систем на Република Македонија.

 

Реферирање на командантите на првопотчинетите единици на ЗОК за статусот на борбената готовност за месец септември 2018 година се реализира во военото одморалиште ,,Стар Дојран“ каде командантите на првопотчинетите единици му реферираа на командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски, за реализацијата на плановите и задачите во изминатиот месец како и за тежишните задачи за наредниот месец.

 

На крајот од реферирањето генералот Арсоски заклучи дека со максимално ангажирање на персоналот од ЗОК и потчинетите единици, степенот на извршувањето на главните задачи и активности  кои го одбележаа изминатиот месец е на потребното рамниште и издаде задачи и насоки за реализација на планираните задачи за месец октомври 2018 година.

 

Во рамките на планираните активности командантот на ЗОК оствари средба со градоначалникот на општина Дојран, господин Анго Ангов со цел, одржување  и продлабочување на заедничката цивилно-воена соработка што е од клучно значење за остварување на цели од заеднички интерес на Република Македонија.

 

МЈ/НЈ/ПА