02.07.2018

Меѓународни активности на припадници од инженерискиот баталјон од составот на 1.механизирана пешадиска бригада

Во текот на месец јуни, припадниците на инженерискиот баталјон учествуваа во повеќе меѓународни активности.

 

Осум припадници од баталјонот, во период од 24.5 до 15.6, учествуваа на меѓународната вежба „Saber Strike 18“ која се реализираше во Република Полска, кои беа во составот на 15.инженериски баталјон на Армијата на САД во Европа.

 

За време на вежбата инженерците од двете држави беа ангажирани на разни активности: утврдување на објекти, изработка на засолништа, изработка на платформи за ракетни системи за против-воздушни напади, изработка на патишта, запречување за пешадиска мобилизација и за поддршка на другите единици.

 

Со вежбата се изврши проверка на тактичките процедури и техники како и на борбената готовност на земјите членките на НАТО и нивните партнерски држави.

 

Припадниците на инжб, од вежбата „Saber Strike 18“ се вратија со признание кое лично им го соопштил командантот на Американските сили во Европа, генерал-полковник Каволи.

 

Тој, пред се, ја поздравил одличната соработка на армиите на САД и Македонија и јавно  се заблагодарил на тимот од инжб, изразувајќи особена благодарност за залагањето на командирот на тимот за придонесот во вежбата„Saber Strike 18“, со што припадниците на инжб се особено горди.

 

Други дваесетина припадници на инженерискиот баталјон, во период од 3 до 23 јуни, учествуваа на предупатна обука за упатување во мисијата „Одлучна поддршка“ во ИР Авганистан. Обуката се реализираше во Центарот за обука „Вилсек“ во СР Германија. Преку предавања, интерактивна работа, работа по групи, работа во симулатори и практична работа со преработка на разни сценарија кои ја пресликуваат реалната ситуација во самата мисија, се реализираше обука во: „Управување со м/в „MRAP” (Mine Resistance Ambush Protection)“; „Борбен животоспасувач“ и „Борба против импровизирани експлозивни направи“.

 

Исто така, еден тим од составот на инжб, во период од 3до 22 јуни,  реализираше предупатна обука на полигонот за обука во Форт Друм во САД. Наставата и вежбите се реализираа со метод на предавања, практична работа, размена на искуства и теренски вежби со различни ситуации во дневни и ноќни услови. Обуката се состоеше од: „Управување на специјалните возила Buffalo, Husky и борбеното возило HMMWV - Gun Truck“;  „Експлозиви и експлозивни средства“; „Тактики и методи на движење при наоѓање на импровизирани експлозивни направи (ИЕН)“; „Постапки на движење во ноќни услови при наоѓање на ИЕН“; „Борба против ИЕН“; „Тактики на движење на конвој при расчистување на пат“; „Расчистување на делница на пат“ и „Изработка и брифинг на оперативни наредби“.

 

За време на предупатна обука во базата Форт Друм, во сојузната држава Њујорк, припадниците на инжб ги посети  Началникот на генералштабот на АРМ.

 

Учеството на меѓународни активности и пренесувањето на стекнатите искуства има позитивно влијае врз обуката која се реализира во матичните единици. Сето тоа допринесува за поуспешно ангажирање на припадниците на инжб во нивното понатамошно учество во мировни мисии и меѓународни вежби.

 

СЈ/СМ/ЧС/БН