05.06.2018

Одбележани 17 години од загинувањето на припадници на безбедносните сили во Тетовско

Во касарната „Народен Херој Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, со полагање свежо цвеќе пред спомен плочата пред командата на гарнизонот Тетово се одбележаа седумнаесет години од загинувањето во конфликтот во 2001 година на припадници на безбедносните сили од гарнизонот Тетово.

 

Припадниците на АРМ вработени во гарнизонот Тетово, достојно оддадоа почит кон ликот и делото на загинатите, а командантот на гарнизонот Тетово потполковникот Гоце Филипоски во неговиот пригоден говор истакна: „Денес сме собрани на ова место да оддадеме почит на шесте припадници од гарнизонот Тетово кои ги положија животите за одбрана на својата татковина за време на конфликтот во 2001 година. Исак, Николче, Пеце, Влатко, Благоја, Блашко!. Вие покажавте што значи да се биде патриот и како треба, со целото свое битие да се сака сопствената татковина. Наша обврска е никогаш да не заборавиме на вашиот херојски подвиг со кој ги задолживте сегашните и сите идни генерации на АРМ“.

 

На денешното одбележување, на спомен обележјето во касарната положија свежо цвеќе делегации од командата на прва механизирана пешадиска бригада, од единиците стационирани во касарната во Тетово, од сојузите и здруженијата на борци, бранители, ветерани, воени инвалиди и семејствата на загинатите.