08.06.2018

Помен во чест на загинатите припадници од тенковскиот баталјон

Денес, 08 јуни 2018 година, во касарната „Чојлија“ во Петровец, припадниците на тенковскиот баталјон одбележаа 17 години од загинувањето на припадниците од тенковскиот баталјон во конфликтот во 2001 година.

 

Денот на загинувањето на капетанот Синиша Стоилов и војникот Фејзо Џељадиновски беше одбележан со полагање на свежо цвеќе пред спомен плочата, која е поставена во кругот на касарната „Чојлија“, од страна на делегација на 1.механизирана пешадиска бригада, тенковски бригада, делегации од претставници на пензионирани старешини, воени ветерани и семејствата на загинатите.

 

Командантот на тенковскиот баталјон, потполковник Тони Златевски, одржа пригоден говор во кој истакна: „Денешниот помен на загинатите припадници на тенковскиот баталјон претставува обврска која припадниците на тенковскиот баталјон и АРМ ја чувствуваат како долг кон своите колеги, кои ги дадоа своите животи за одбрана на татковината, одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, со што останаа да ги цениме и почитуваме дадените животи и да сочувствуваме со најблиските на загинатите. Горди сме што во своите редови имавме така храбри, одважни и доследни колеги и соборци, при што вечно ќе се сеќаваме на нивниот лик, на нивните дела, а истите засекогаш нека останат во историјата на Република Македонија за што им изразувам вечна благодарност и слава.“

 

На ден 07.06.2018 година во родното место на капетанот Синиша Стоилов во с.Зрновци, Кочанско, делегација од тенковскиот баталјон положи свежо цвеќе пред спомен одбележјето во ОУ „Синиша Стоилов“ кое го носи неговото име и го одбележува како патронат на училиштето.