11.06.2018

Припадници од воздухопловната бригада го завршија учеството на вежбата „Adriatic Strike 18“

Припадници од воздухопловната бригада со еден хеликоптер Ми-17, го завршија учеството на вежбата „Adriatic Strike 18 / Јадрански удар 18, која се одржа во периодот од 31.05 до 10.06.2018 година на повеќе полигони во Република Словенија.

 

На вежбата учествуваа 25 држави од кои 20 се НАТО членки (Албанија, Белгија, Чешка, Црна Гора, Данска, Естонија, Франција, Хрватска, Италија, Канада, Латвија, Литванија, Унгарија, Германија, Холандија, Полска, Романија, Словачка, Шпанија и Соединетите Американски Држави), две држави како партнерски нации (Македонија и Австрија), а останатите три како набљудувачи: Јордан, Швајцарија и Турција.

 

Ова беше седма меѓународна воена вежба на која словенечката армија во соработка со земјите учеснички спроведува тренинг на летачкиот персонал, во содејство на сертифицирани истурени воздухопловни контролори за поддршка на здружена огнена операција. Во вежбата активно беше вклучен воздухопловно командниот и контролен центар од Poggio Renatico, Италија (Deployable Air Command and Control Centеr), кој е дел од структурата на воздухопловните сили на НАТО за Европа (Allied Air Command structure).

 

На денот на отворање на вежбата, воедно и отворен ден за јавноста, а посебно на денот за високи гости, беше реализиран статичен дисплеј на дел од опремата која ја поседуваа припадниците на вооружените сили.