05.01.2018

Одбележување на патрониот празник на касарната „Страшо Пинџур“ - Петровец

Денес во касарната во Петровец, со полагање на свежо цвеќе пред бистата на народниот херој Страшо Пинџур, од страна на делегација на Здружената оперативна команда на АРМ, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на воздухопловната бригада, полковник Роберт Малезански, претставници од општина Кавадарци, родниот крај на народниот херој Страшо Пинџур, директорот на музејот на градот Кавадарци, Здружението на борците на Република Македонија и на град Скопје, беше одбележан патрониот празник и 75 годишнината од загинувањето на народниот херој Страшо Пинџур, чие име го носи касарната.

 

На одбележувањето на патрониот ден на касарната, директорот на воениот музеј – Скопје, професорот Александар Стојчев, пред персоналот на касарната во Петровец и другите гости, одржа историски час за животот и делото на народниот херој Страшо Пинџур.

 

Свое обраќање имаше и Командантот на 1.механизирана пешадиска бригада бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, кој меѓу другото истакна дека одбележувањето на патронатот ја зацврстува врската на денешницата со богатата историја на македонскиот народ и дека припадниците на АРМ се задолжени да ги почитуваат делата и дадените животи на многу борци за слободна и независна Македонија.

 

Животот и делото на Страшо Пинџур се длабоко врежани не само во пишаните документи и материјали, туку и во свеста и паметењето на македонскиот народ а посебно на луѓето од тиквешкиот крај.

 

Припадниците на касарната во Петровец, одбележувајќи го секоја година денот на неговото загинување, придонесуваат народниот херој Страшо Пинџур и неговото дело за Македонија останат и во сеќавањата на идните генерации и поколенија на македонскиот народ.