02.11.2017

Посета на командантот на СЕЕБРИГ на декларираните единици од Армијата на Република Македонија

Во деновите 01. и 02.11.2017 година, командантот на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), бригадниот генерал Тудорица Петраче придружуван со дел од началниците на секциите во неговиот штаб, изврши инспекција на декларираните единици од составот на 1.мпбр во СЕЕБРИГ.

 

Во составот на СЕЕБРИГ, 1.мпбр учествува со еден инженериски патен вод од составот на инженерискиот баталјон и една механизирана пешадиска чета од составот на 2. механизиран пешадиски баталјон, кои во нејзиниот состав се од самото формирање на бригадата во март 2000 година.

 

При посетата на овие две декларирани единици, бригадниот генерал Петраче со неговиот тим, на ден 01.11. беше пречекан и придружуван од командантот на инженерискиот баталјон, а на ден 02.11.2017 година при посетата на 2.мпб од Командантот на 1.механизирана пешадиска бригада, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на 2.механизиран пешадиски баталјон.

 

За време на посетата и во двете единици, бригадниот генерал Петраче со кратки брифинзи беше запознаен со формациската структура на декларираните единици, обуката, опремата и средствата со кои располагаат декларираните единици и нивната подготвеност да одговорат на барањата на командата на СЕЕБРИГ.

 

Инспекцијата се состоеше од смотра на персоналот, опремата и магацините каде се чуваат дел од материјално-техничките средства со кои располагаат декларираните единици. Во рамките на инспекцијата, на полигоните за обука во касарните „Илинден“ во Скопје и „Јане Сандански“ во Штип, декларираните единици прикажаа и две показни вежби „Поправка на оштетена делница од пат“ и „Работа на постојана контролна точка“.

 

За време на посетата, командантот на СЕЕБРИГ оствари средба и со командантот на Здружената оперативна команда на која стана збор за македонското учество во СЕЕБРИГ со декларираните единици, како и посветеноста на Република Македонија и Армијата на Република Македонија кон регионалниот мир.

 

На крајот од инспекцијата, бригадниот генерал Петраче искажувајќи го своето задоволство од прикажаното и во двете единици се заблагодари на гостопримството и на дел од персоналот на декларираните единици им додели скромни подароци од SEEBRIG.