13.11.2017

Инженерискиот баталјон го одбележа Денот на единицата

Инженерискиот баталјон (инжб) од составот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) во касарната „Илинден“ во Скопје, со воена свеченост го одбележа 13 Ноември - Денот на инженериската единица.

           

Командантот на инжб, потполковник Васил Митевски, во својот говор истакна дека припадниците на инженерискиот баталјон со употреба на најразлични тактики и техники даваат максимална поддршка на сите единици во реализации на нивните мисии како и поддршка на цивилните агенции во спречување и санирање на елементарни несреќи и други кризи. Голем предизвик за припадниците на баталјонот беа овогодишните учествата на вежбите „Saber Guardian-17“ и „Dragoon Guardian-17“. Исто така годинава инжб учествуваше и на вежбите на АП Криволак: „Употреба на МЕС за наменски задачи во АРМ“, „Македонски блесок 13“, „Здружена реакција 17“ и ТВБГ „Засилен механизиран пешадиски баталјон во напад“. Сите овие вежби, припадниците на инжб успешно ги реализираа со помош на своето несебично залагање, знаење, стручност и професионализам. Инжб со реализација на сите овогодишни активности ја потврдува својата мисија следејќи ги традициите на инженериската бригада, научените лекции, големото искуство и водени со мотото на единицата -  СЕКОГАШ НАПРЕД.

 

Со пригоден говор пред присутните се обрати заменик командантот на 1.мпбр, полковник Марјан Симоновски кој истакна дека денес кога се навршуваат 73 години од формирањето на инженериската бригада од НОВ и се одбележуваат 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија (АРМ), и со гордост може да се рече дека припадниците на инжб успешно ги извршуваат поставените задачи, справувајќи се со сите проблеми и предизвици кои стојат пред нив. Покрај многубројните активностите во земјата, баталјонот со свои единици зеде учество и на две големи меѓународни вежби: „Saber Guardian-17“, која се реализира во Романија, Унгарија и Бугарија и „Dragoon Guardian-17“, која се реализира во Р. Македонија. Честитајќи им го Денот на единицата, заменик командантот на 1.мпбр порача инжб да продолжи со успешното извршување на задачите, а патот на успехот да го трасираат со работа и беспрекорна дисциплина на сите рамништа. Припадниците на инжб треба да се горди што се дел од АРМ која како институција ја ужива најголемата доверба кај граѓаните и е силна гаранција за одбраната и суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

 

На свеченоста покрај НГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски и директорот на ГШ на АРМ, генерал мајор Димче Петровски, како поранешни команданти на инженерискиот полк, присуствуваа командантот на Здружената команда, бригаден генерал Зоран Милески, заменик на командантот на 1.мпбр, командантите на команди и единици на АРМ, поранешни вработени во инжб, претставници од цивилни фирми со кои соработува баталјонот и други гости.

           

Во рамки на свеченоста беа доделени стимулативни мерки и унапредени припадници на единицата, а на крајот од свеченоста се одржа тактичко технички збор на кој беше изложен дел од инженериските возила и опрема со која располага единицата. Согласно критериумите за избор на најдобра единица, првиот вод од првата инженериска чета е прогласен за најдобра единица од составот на баталјонот.

 

Овој баталјон минатата година беше одликуван со Орден за воени заслуги од страна на Врховниот командант на АРМ, за исклучителниот придонес во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и за непрекината поддршка на цивилното население.

 

Инжб е носител на традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија формирана на 13.11.1944 година. Како датум од историско значење, со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, 13-ти Ноември е одреден за Ден на единицата.