02.10.2017

Започна оценувањето во мирновремените локации на декларираните единици на АРМ

Со денешната проверка на елементите кои подлежат на оценување во мирновремените локации на декларираните единици на АРМ од состав на средната пешадиска баталјонска група (спбг) и ренџерска чета (рч) во гарнизоните: Скопје, Петровец, Прилеп, Штип и Куманово, започнаа активностите  на теренската вежба „Македонски Блесок-13“.

 

Во склоп на вежбата во период до 06 октомври, ќе се изврши реоценување на спбг и оценување на рч, согласно НАТО концептот за оперативни способности -ниво 2, од страна на оценувачки тим составен од НАТО и национални претставници.  

 

Целта на НАТО оценувањето, ниво 2, е да се оцени борбената готовност и способноста на овие декларирани единици на АРМ за извршување на мисијата во пет различни области: планови, операции, логистика, врски и администрација.

 

За секоја област се одредени лидери на тимови и соодветен број на оценувачи зависно од обемот на оценување. Оценувањето се изведува во 2 фази и тоа оценување на мирновремена локација и на терен. На крајот од оценувањето ќе биде потпишан формалниот извештај од страна на НАТО набљудувачите и директорите на оценувањето по што резултатот ќе им биде соопштен на оценуваните единици.

 

Високите оценки кои ги добивме од НАТО во претходното оценување на спбг, но и при извршувањето на мировните мисии и успешно изведените вежби за претходните оценувања на останатите декларирани единици, се голем поттик за успешна реализација и на оваа, од многу аспекти  комплексна вежба.

 

Вежбата „Македонски Блесок-13“ е вежба со единици на терен базирана на сценарио за операции за поддршка на мирот предводени од НАТО/ЕУ, а под мандат на ОOН, со која треба да се демонстрира борбената готовност на декларираните единици за употреба во НАТО – предводените операции.