12.09.2017

Одбележување на денот на бПВО

Во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод одбележувањето на денот на баталјонот за против-воздушна одбрана (бПВО) од составот на воздухопловната бригада (вбр).

 

На свеченоста присуствуваше командантот на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) бригаден генерал, Зоран Милески, командантот на воздухопловната бригада, началници на секции и команданти на потчинетите единици на вбр, поранешни команданти и припадници на бПВО, МВР и други гости.

 

Командантот на бПВО, потполковник Трајче Денчевски во обраќањето пред присутните истакна дека припадниците на бПВО со својот труд, професионален однос, лојалност и одговорност при извршување на поставените задачи, покажаа дека бПВО е високо организирана и функционална единица која постигнува резултати за почит.

 

Командантот на воздухопловната бригада во своето обраќање им го честита денот на единицата на сите припадници на бПВО и истакна дека баталјонот е една од најдобрите единици во вбр и е единица која е одлично оспособена и обучена како за својата мисија и задачи, како и за низа други задачи кои во минатото ги има извршувано без проблеми.

 

Пред стројот беше прочитана честитка од началникот на ГШ на АРМ, командантот на ЗОК, командантот на 1.мпбр, до припадниците на баталјонот, како и унапредувања во повисок чин и стимулативни мерки по повод денот на единицата. Воедно беше прогласена прва батерија за најдобрата единица од составот на бПВО.

 

Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, 12-ти септември е одреден за ден на бПВО, денот кога е истрелана првата ракета земја-воздух.