30.06.2017

 

Примопредавање на должноста Командант на 3.мпб

Денес 30.06.2017 година, во касарната „Народен Херој Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста Командант на трет механизиран пешадиски баталјон (3.мпб) од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр).

 

Должноста командант на 3.мпб, од досегашниот командант, потполковник Игор Спасеноски ја прими потполковник Гоце Филипоски кој досега ја извршуваше должноста Офицер за операции во секцијата Ј-3 во Генералштабот на АРМ.

 

На свеченоста присуствуваа командантот на ЗОК, бригаден генерал Зоран Милески, командантот на 1.мпбр бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, команданти и претставници од командите и единиците на АРМ како и претставници од органите на  локалната самоуправа, владините и невладините организации, сојузи, здруженија, верските заедници како и претставници од државниот и приватниот сектор во зоната на одговорност на единицата со кои истата соработува.

 

Пред стројот на единицата и присутните гости во своето обраќање  командантот на 1.мпбр бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, му се заблагодари на досегашниот командант за вложениот труд и покажаните резултати за време на неговото командување со единицата,  а на потполковникот Филипоски му упати искрени честитки по повод стапувањето на  новата должност, со желба за успешно командување и постигнување на уште поголеми резултати со баталјонот во наредниот период.

 

Досегашниот командант на 3.мпб, потполковникот Игор Спасеноски, во својот говор меѓу другото, им оддаде признание на припадниците на 3.мпб за укажаната поддршка како и за вложениот труд од секој припадник во извршувањето на бројните задачи и предизвици со кои единицата успешно се справуваше во текот на неговото командување.

 

Новопоставениот командант на 3.мпб, потполковникот Гоце Филипоски се заблагодари на укажаната доверба со поставувањето на оваа одговорна должност, ветувајќи дека ќе го даде својот максимум за баталјонот да продолжи со постигнување на уште подобри резултати во извршувањето на своите задачи во иднина.

 

На крајот од свеченоста, по церемонијалното примо-предавање на военото знаме на единицата, со што и официјално беше извршено примопредавањето на должноста командант на 3.мпб, следеше и воено дефиле на ешалоните од потчинетите единици на 3.мпб.