18.05.2018

Завршување на вежбата помеѓу македонските и бугарските сили за специјални операции ЈСЕТ 2018

На ден 18.05.2018 година на македонско - бугарската државна граница, во близина на с. Логодаж, Благоевград, се одржа ден за високи гости на вежбата помеѓу македонските и бугарските сили за специјални операции, ЈСЕТ 2018.

 

Денот за високи гости претставуваше завршница на двонеделната вежба која придонесе за успешно унапредување на синхронизацијата и координацијата на способностите за изведување на специјални операции на армиите на двете држави. Во рамките на активноста беа изведени две помали вежби, кои беа меѓусебно поврзани и се случуваа на територијата на Р. Бугарија. За време на вежбите се употребуваа најновите тактичко - технички процедури на единиците за специјални операции за справување со најразличен вид на закани, а беа споделени и искуствата помеѓу единиците за специјални операции од нивните реални задачи, обуки и школувања.

 

Денот за високи гости го посетија Министерката за одбрана на Р. Македонија, Радмила Шеќеринска, членови на кабинетот на министерката за одбрана, како и поранешниот Командант на полкот за специјални операции, бригаден генерал Орце Јордев и новоназначениот Командант на полкот за специјални операции, бригаден генерал Методи Хаџи-Јанев. Домаќини на настанот беа Министерот за одбрана на Р. Бугарија, Красимир Каракачанов и Командантот на 68. бригада за специјални операции, бригаден генерал Јавор Матеев, а присуствуваа и поголем број на високи воени старешини и цивилни лица.

 

После денот за високи гости своето задоволство за прикажаната вежба го изразија двајцата министри за одбрана, кои најавија понатамошна соработка на единиците за специјални операции на двете држави. Поддршката на Р. Македонија за влез во НАТО и понатаму ќе биде една од основните определби на Министерството за одбрана на Р. Бугарија. На крајот од активноста домаќините им поделија пригодни поклони на учесниците и гостите на вежбата.