30.06.2017

 

Учество на припадници од полкот за специјални намени од ренџерскиот баталјон на меѓународната вежба „Common Chalenge 17“ во Република Црна Гора

Припадници на АРМ од составот на полкот за специјални операции заедно со припадници од армијата Црна Гора и единици на Вооружените сили на Република Австрија во период од 26 јуни до 06 јули учествуваат на меѓународната вежба „Common Chalenge 17“.

 

По отворањето на вежбата „Common Challenge“ на ден 27 јули, активностите навлегоа во предвидената фаза на обука и запознавање на персоналот со тешко пристапниот терен на полигонот за обука „Липово“. Ренџерите, заедно со припадниците на 24. планински баталјон на вооружените сили на Р. Австрија и припадниците на војската на Црна Гора, секојдневно разменуваат искуства од обука и операции на планинско земјиште. Меѓународната чета е веќе формирана и успешно ги совладува секојдневните предизвици, надминувајќи ги јазичните и културните бариери.

 

Припадниците на Ренџерскиот баталјон во континуитет ги покажуваат своите способности во совладување на тешко пристапен терен, користење на опрема за јазење, тактичко движење на патека за качување, борбено обезбедување, спасување на повредени во тешки услови и користење на хеликоптери за евакуација на повредени (CASEVAC). Ренџерите, со своите искуства во обука на тешко пристапен терен во голема мерка придонесуваат за успешната работа на четата. Исто така, со искуството и знаењето на припадниците од другите армии учеснички на вежбата, се развиваат и усовршуваат тактиките, техниките и процедурите на меѓународната чета.

 

Во деновите кои следат претстои извршување на теренска вежба (FTX) која ќе се изведува според сценарио за операции за одржување на мирот, каде припадниците на меѓународната чета ќе имаат задача да извршат офанзивна операција на тешко пристапен терен со цел да се раздвојат две завојувани страни.