26.11.2018

Началникот на ГШ на АРМ во посета на македонските мировници во УНИФИЛ

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски се наоѓа во дводневна посета на мисијата УНИФИЛ во Либан.

 

По речиси 12 години учество на нашите мировници во мисијата УНИФИЛ во Либан ова е прва посета на делегација од Република Македонија во оваа мисија предводена од Обединетите Нации-таканаречени Сини шлемови.

 

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски по пристигнувањето беше пречекан со воени почести во главната команда на УНИФИЛ, во базата Нагура, која се наоѓа во непосредна близина на границата на Либан со Израел. Во рамките на посетата генералот Ѓурчиновски оствари работна средба со командантот на силите на УНИФИЛ, генерал-мајор Стефано Дел Кол од италијанската армија и заменик на директорот на мисијата, пакистанецот Имран Риза.

 

На средбата беше потенцирано несебичното залагање и професионализмот на македонските претставници во мисијата, притоа е изразена благодарност за активниот придонес на Армијата на Република Македонија во мисите чија цел е градењето на светскиот мир.

 

Зголемувањето на бројот на земјите учеснички во мисијата може само да го зголемат кредибилитетот на мисијата, а воедно и да придонесат во размената на искуства меѓу нациите, градење на меѓусебна толеранција и промоција на светскиот мир  - истакна генералот Ѓурчиновски на средбата. 

 

Тој воедно истакна дека стратешка определба на АРМ е и во иднина да продолжи посветено кон градење на светскиот мир преку учество во мировни операции во земјите кои тежнеат кон глобална безбедност и ги почитуваат меѓународните норми и стандарди.

 

За време на посетата на мисијата, согласно програмата, Началникот го посети Здружено оперативниот центар на УНИФИЛ, каде извршува должности еден штабен офицер на АРМ. За време на посетата се реализираше брифинг на кој генералот Ѓурчиновски беше запознаен со ситуацијата во Јужен Либан и неговото опкружување и идните предизвици на мисијата.

 

Во текот на утрешниот ден Генералот Ѓурчиновски ќе ја посети и командата на Секторот Запад, каде за прв пат оваа година во месец септември, Република Македонија испрати двајца штабни офицери кои ќе ги извршуваат задачите во мисијата во состав на италијанскиот контингент. За време на посетата генералот ќе оствари средба со командантот на сектор запад, бригадниот генерал Диодато Абагнара.

 

Република Македонија својот придонес во мировната операција предводена од Организацијата на обединетите нации во Либан, UNIFIL, го започна со донесување на Одлука од страна на Собранието на Република Македонија на 27 април 2007 година. Одлуката беше спроведена на ден 16 мај 2007 година. Овој придонес започна со испраќање на еден припадник на Армијата на Република Македонија на место Штабен офицер во Здружениот оперативен центар во Нагура во Либан со мандат од една година. Оттогаш, 12 години во Либан се вее македонското знаме, како потврда за присуството на нашите „Сини шлемови“ во мисијата, рамо до рамо со останатите земји од Обединетите Нации, со цел обезбедување на мирот во овој дел од светот.

 

Во моментот во мисијата УНИФИЛ во Либан учествуваат 42 земји членки на Обединетите Нации со околу 10600 мировници. Мандатот на УНИФИЛ согласно Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите Нации е одржување на мирот во јужен Либан, превенција од евентуален конфликт помеѓу Либан и Израел и посредување во преговорите помеѓу владите на овие две земји за постигнување на посакуваната цел – мир и стабилност во регионот.

 

TJ