22.10.2018

Остварените резултати на вежбата „Cambrian Patrol 2018“ достојни за почит

На вежбата во Обединетото Кралство „Cambrian Patrol 2018“, кој има натпреварувачки карактер, тимот составен од припадници на ренџерскиот баталјон од составот на полкот за специјални операции го освои второто место и сребрениот медал и ја докажаа својата интероперабилност  и подготвеност рамноправно  да работат со своите колеги од светските  армии.

 

На армискиот натпревар  кој се смета меѓу најтешките во светски рамки и на кој се тестираат најдобрите и најиздржливите, во конкуренција на 137 армиски тимови,составени од земјата домаќин и од 37 меѓународни, нашиот тим составен од 10 припадници на ренџерскиот баталјон кој за прв пат учествува на ова врвно војничко натпреварување кое се одвива на многу тешка теренска конфигурација и климатски услови успеа да се впише во историјата на АРМ.

 

На натпреварот во неколку етапи ренџерскиот тим ја помина 60 километарската маршрута во полна борбена опрема извршувајќи задачи од зададени сценирани ситуации, како постапки со повредени, прибирање на извидувачки информации, пронаоѓање на импровизирани експлозивни направи, постапки при хемиски напад и многу други војнички постапки при што за секоја постапка се добиваат поени.

 

Прогласувањето на најдобрите и доделувањето на сребрениот медал кое беше во присуство на  командантот на ренџерскиот баталјон, потполковник Блерим Исмаили ја потврди  максимална посветеност на припадниците на Армијата на Република Македонија во афирмирање на АРМ во меѓународни рамки.