17.09.2018

Посета на Командантот на националната гарда на Вермонт на АРМ

Со денешниот прием кај Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, високата воена  делегација на националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД, Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт,  генерал-мајор Стивен Креј ја започна официјалната посета на Република Македонија.

 

За време на приемот генералите Ѓурчиновски и Креј разговараа за одличната воена соработка на АРМ со НГ на Вермонт, која ја започнува својата јубилејна 25та година. Притоа го истакнаа значењето кое досегашните заеднички активности го имаа не само за достигнување на интероперабилноста на АРМ во постапките кои се применуваат во армиите на НАТО земјите членки, туку и за зацврстување на меѓусебните релации и во останатите сегменти на одбраната.

 

По приемот кај НГШ на АРМ, се реализира работен состанок со  раководните старешини во ГШ на АРМ, за време на кој се презентираа процесот на трансформација на АРМ, активностите на АРМ, како и актуелните заеднички активности поврзани со можностите за повторни заеднички настапи во вежбовни активности и мировни мисии.

 

Делегацијата од НГ на Вермонт во текот на денешниот ден во касарната Илинден оствари посета на инженерискиот баталјон, чии припадници имаа интензивни заеднички активности со НГ на Вермонт во изминатите години.

 

Во текот на посетата во следните денови делегацијата од НГ на Вермонт ќе оствари средба со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе ја посетат воздухопловната бригада на АРМ, Центарот за обука на вода, а ќе остварат посета на министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи.

 

За време на обиколката на единиците на АРМ ќе бидат презентирани средствата, капацитетите и нивните активности.

 

Годишните взаемни посети со НГ на Вермонт на највисоко армиско ниво имаат за цел лоцирање на потребите и можностите за  надградување на соработката преку воената контакт програма за соработка, која во досегашниот период им овозможи на припадниците на АРМ кои учествувале во обуките и вежбите да ги применуваат во потполност стандардите на НАТО.