14.06.2018

Потврдена одличната соаботка за време на посетата на Началникот на ГШ на АРМ на Националната Гарда на Вермонт

Делегацијата на АРМ предводена од началникот на генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски во рамки на неколкудневна посета на националната гарда (НГ) на Вермонт, покрај остварената средба со својот домаќин, командантот на НГ на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј, реализира посети и средби со командантите на команди  и единици од составот на нацоналната гарда.

 

За време на официјалната средба помеѓу НГШ на АРМ и генералот Креј беа разгледани придобивките од досегашната воена соработка која полека навлегува во 25тата година, особено во делот на обуката, реализираните вежби и заедничкиот  настап во мировните операции. Притоа е повторена определбата за идните заеднички настапи во мировни мисии и меѓународни вежби, за што на припадниците на Армијата на Република Македонија се ставени на располагање капацитетите за обука и едукација на НГ на Вермонт.

 

Делегацијата при посетата на базата Форт Друм, во Сојузната Држава Њујорк, ги обиколи припадниците на АРМ кои во моментот изведуваат предупатна обука за мировни мисии, заедно со своите колеги од инженерискиот полк од 86тата пешадиска бригада (бригада на НГ на Вермонт). Со единици на оваа бригада досега се реализирани повеќе вежбовни активности, како и заедничкиот настап во мисијата ИСАФ во 2010 година, а во понатамошниот период предвидено е повторно заедничко учество во мировната мисија Одлучна поддршка во Авганистан.

 

Во текот на вчерашниот ден делегацијата ја посети воздухопловната национална гарда на Вермонт каде покрај запознавањето со капацитите и активностите на командата, генералот Величковски остварил средба со командантот генерал Крег Кемпбел на која  исто така се разговарало за планираните активности на соработка.

До крајот на посетата делегацијата ќе присусвува на церемонија на испраќање на воздухопловна единица во мисија, а ќе има средби и координации за планраните понатамошни активности со воените авторитети од НГ на Вермонт.

 

Заедничката обука на припадниците на АРМ врз основа на партнерската програма за соработка со НГ на Вермонт е најочигледен пример за успешноста преку  достигнувањето на интероперабилноста со НАТО стандардите  уште пред повеќе од една деценија.

 

Во досегашните заеднички активности со НГ на Вермонт се реализирани речиси 1000 активности во полето на обуката на кои над 6000 припадници на АРМ ги совладале стандардите на вооружените сили на САД, кои се имплементирани во единиците на АРМ. Со организацијата и реализирањето на овие вежби, декларираните единици на АРМ, во голема мерка ги подигнаа, но и ги потврдија тактичките процедури и техники на НАТО, што придонесе за успешно спроведување на досегашните процеси на оценување согласно Концептот на НАТО, како и за добиените признанија за беспрекорно извршување на задачи во мировните мисии.

 

Преку редовните возвратни посети на највисоко воено ниво и интензивната реализација на споменатите активности, соработката меѓу НГ на Вермонт и АРМ, како и помеѓу сојузната држава Вермонт и Република Македонија  се издвојува во самиот врв на програмите на партнерски сојузни држави при Бирото на НГ.