24.04.2018

Началникот на ГШ на АРМ оствари средба со Заменик командантот на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО во Европа

Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, денес во ГШ на АРМ се сретна со заменик командантот на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО во Европа, генерал Џејмс Еверард.

 

Во рамки на средбата, генералот Величковски искажа благодарност за поддршката која АРМ ја добива од Врховната команда на сојузничките сили во Европа, потенцирајќи дека воено стратешкото партнерство е од суштинско значење во функција на достигнување на потполна интероперабилност на АРМ со стандардите на НАТО. НГШ на АРМ ги искажа очекувањата за продолжување на поддршката за полноправно членство во НАТО на Република Македонија, укажувајќи и на фактот дека АРМ ги има достигнато потребните стандарди на Алијансата, што е потврдено и со долгогодишното учество во мисиите предводени од НАТО.

 

Генералот Џејмс Еверард, за време на состанокот изрази задоволство од досегашните покажани способности и резултати на припадниците на АРМ во мировните операции и меѓународни вежби, очекувајќи Република Македонија да го добие местото кое го заслужува.

 

Началникот на ГШ на АРМ исто така ќе присуствува на НАТО-работилницата за координација на воени партнерства, чиј домаќин оваа година е Република Македонија.

 

Неколкудневната работилница на која ќе учествуваат околу 200 претставници од земјите на НАТО и земјите-партнери ќе опфати повеќе теми: операциите предводени од НАТО и учеството на партнерите во овие операции, хармонизацијата на партнерските процеси, едукацијата, обуките и тренинзите.