11.04.2018

НГШ на АРМ во официјална посета на вооружените сили на Република Хрватска

Воена делегација на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски од 11. до 13. април, престојува во работна посета на Вооружените сили (ВС) на Република Хрватска, каде оствари средба со неговиот домаќин, началникот на ГШ на хрватските ВС, генерал Мирко Шундов.

 

Целта на посетата е да се разгледаат можностите за подобрување на билатералната воена соработка помеѓу двете армии, како и во рамките на САД-Јадранската повелба (А-5). На средбата на ниво на началници на генералштабовите пред се разговарало за можностите на зголемување на нивото на изведување заедничка воена обука преку користење на капацитетите на двете армии. Делегацијата на АРМ во текот на денешниот ден оствари средба и во министерството за одбрана на Република Хрватска.

 

Од страна на генералот Величковски за време на разговорите е истакнато значењето за севкупната безбедност во регионот од заокружување на процесот на прием во НАТО на земјите членки на А5. Помеѓу другото Величковски посочи дека соочувањето со новите форми на безбедносни предизвици претставени преку екстремниот радикализам и сајбер нападите е возможно само преку градење на заеднички капацитети во одбраната на што Република Македонија останува целосно посветена.

 

Во рамките на тридневната посета предвидена е и посета на командата за специјалните сили на ВС на Р. Хрватска во Делнице и високото воено училиште „д-р Фрањо Туџман“. Нашата делегација во чиј состав се и командантите на Полкот за специјални операции и на Командата за обука и доктрини, ќе оствари средби со командантите на центрите и единиците и ќе ги посетат припадниците од АРМ кои се наоѓаат на школување на военото училиште.

 

АРМ има развиено добра билатералната воена соработка со вооружените сили на Република Хрватска, така што за потребите на АРМ во хрватската висока воена школа се школуваат офицери за усовршување на високи штабни и командни должности, а во рамките на иницијативата А5 се реализираат и повеќе заеднички вежбовни активности.