26.04.2018

Делегација од бугарската армија во посета на Армијата на Република Македонија

Воена делегација од Република Бугарија, предводена од командантот на 68. бригада за Специјални Операции (брСО), бригаден генерал Јавор Матеев престојува во возвратна работна посета на полкот за Специјални Операции (пСО) на Армијата на Република Македонија.

 

Во рамки на посетата, денес во ГШ на АРМ, началникот на генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски го прими командантот на 68. бригада за Специјални Операции, при што се дискутираше за досегашната соработка во доменот на обуката како можностите за унапредување на меѓусебната соработка во изведување на заеднички вежбовни активности.

 

За време на дводневната посета пред делегацијата на 68. брСО беше прикажана дел од обуката на пСО, во куќата за гаѓање „Волк“ на АП „Криволак“, каде се изведе методско-показна вежба со боево гаѓање при упад во простории, обуката на ренџерскиот баталјон на АП „Криволак“, како и на баталјонот за специјални намени (бсн) во реонот на Демир Капија. Исто така беа демонстрирани и способностите на припадниците на бсн во изведување на воена алпинистика и совладување на тешко пристапен терен. На крајот од посетата се дискутираше за идните модалитети и термини за соработка помеѓу специјалните единици на двете армии.

 

Претходно делегација од АРМ, во месец декември 2017, предводена од командантот на пСО, бригаден генерал Орце Јордев, оствари посета на 68. бригада за Специјални Операции во Република Бугарија.