18.04.2018

Началникот на ГШ на АРМ во официјална посета на вооружените сили на Република Албанија

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски во рамки на официјалната посета на Република Албанија, во текот на денешниот ден оствари средби на највисоко воено ниво во Генералштабот на вооружените сили и Министерството за одбрана на Република Албанија.

 

По приемот со високи воени почести, генералот Величковски имаше средба со Началникот на генералштабот на албанските вооружени сили бригаден генерал Бардил Колчаку, по што сe одржа состанок помеѓу делегацијата на АРМ и претставници од ГШ на ВС на Република Албанија.

 

На средбата помеѓу началниците на Генералштабови, се опфатија повеќе прашања меѓу кои подобрување на постоечката билатерална воена соработка во областа на обуката и военото образование, разгледување на можностите за нови облици на соработка преку изведување на заеднички активности, како и размена на искуства и користење на армиските капацитети со кои располагаат двете држави.

 

Овие заложби беа повторени и за време на состанокот на делегацијата на АРМ со заменик на министерот за одбрана Петро Кочи каде од господинот Кочи беше истакната целосната поддршка од Република Албанија за напорите на Република Македонија за целосно интегрирање во НАТО.

 

Генералот Величковски го истакна значењето на секој вид подршка, особено од партнерите од САД- Јадранската повелба (А3) со кои заеднички беше започната иницијатива за влез во НАТО, притоа искажувајќи ги очекувањата за скорешно придружување на Република Македонија кон  партнерските земји како полноправна членка во алијансата.

 

По средбата во генералштабот и мнистерството за одбрана,  воената делегација ја посети командата на поморските сили во Драч, каде покрај средбата со командантот, генерал мајор Јибер Догани беше запознаена и со мисијата, задачите и капацитетите на поморските сили на ВС на Албанија.

 

Претходниот ден делегацијата на АРМ оствари посета на Амбасадата на Република Македонија во Тирана каде оствари средба со вршителот на должноста амбасадор на Р.Македонија во Албанија г-ѓа Атина Ничовска.

 

АРМ има развиено добра билатерална соработка со ВС на Република Албанија која е најизразена на полето на военото образование, обуката и вежбите, како на билатерален план, така и во рамките на Јадранската повелба и форумот на началници на генералштабови на армиите од балканските земји. Посетата на  ВС на Република Албанија претставува одлична прилика за унапредувањето на соработката помеѓу двете армии.