02.04.2018

Одбележан Денот на 1. механизирана пешадиска бригада

Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) од состав на Здружената оперативна команда, со воена свеченост која се реализира во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денес го одбележа Денот на единицата.        

 

Командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, во своето обраќање пред свечениот строј на единиците на 1.мпбр истакна дека празникот е нераскинлив дел од историјата на бригадата, со оддавање на должна почит кон слободарските традиции кои внимателно ги негуваме, а кои претставуваат силен поттик за успех и препознатлив дел од култот на бригадата.

 

Во оваа прилика, генералот Ѓоргоски пред присутните ги претстави ангажирањата и успесите на бригадата во изминатиот период, меѓу кои постојаното ангажирање на јужната граница во рамки на асистенција на граничната полиција, гаснењето на опожарената шума во Македонски Брод, учеството на пет меѓународни вежби и потврдувањето на високите НАТО стандарди при реоценувањето на средната пешадиска баталјонска група.

 

Во име на припадниците на бригадата тој порача дека првата механизирана пешадиска бригада како најмоќна единица на АРМ го сочинува маневарското јадро и претставува нејзин највитален дел, затоа припадниците на бригадата и понатаму ќе останат препознатливи по високиот професионализам, врвната обученост и беспрекорно извршување на задачите, а зборовите „Чест и сила“ кои се нашето мото секогаш ќе не водат во служба на татковината.

 

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на припадниците на бригадата им го честиташе Денот на единицата, и истакна дека оваа единица придонесе за имиџот на АРМ како армија која секаде и секогаш е во помош на граѓаните на Македонија.

 

Шекеринска рече дека за успесите на припадниците на првата бригада зборуваат и сите наши партнери при учество во меѓународни мисии и заеднички вежби.

 

Министерката изрази благодарност, но и уверување во заложбите на Министерството и на Владата за подобрување на условите за работа и живот во АРМ.

 

„Владата донесе одлука за зголемување на платите на сите оние кои што се во служба на Армијата. Сакавме како Влада да покажеме дека зборот е збор и дека ќе се бориме за вас исто како што вие се борите за Македонија. Наша единствена цел ќе биде со секоја мерка да ги подобриме вашите услови за работа“, рече министерката. Додаде дека овогодинешниот буџет на одбраната е зголемен за 15 проценти, информираше дека веќе е завршена реконструкцијата на кровните конструкции на повеќе објекти на Армијата, меѓу кои и на еден објект во касарната „Страшо Пинџур“, а обезбедени се и средства за основната опрема која со мудро планирање и постојана инвестиција во иднина нема да биде проблем во Армијата.

 

Министерката најави дека во следните десетина дена и официјално ќе започне постапката за набавка на униформи за буквално секој припадник на Армијата, како и дека во тек се разговори кои што ќе ги дефинираат реформите во одбраната во следните години со цел посилна, подобра, пофункционална, поефикасна армија.  

 

На свеченоста покрај министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски присуствуваа и командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Зоран Милески, генералите на АРМ, претставници од МО и ГШ на АРМ, поранешни команданти на бригадата, команданти на  команди и единици на АРМ, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.

 

По повод денот на единицата на припадници од единиците на бригадата за постигнатите резултати се доделија стимулативни мерки и унапредувања, а за најдобра единица од состав на бригадата се прогласи командната батерија од артилерискиот баталјон од Прилеп.

 

На крајот од свеченоста единиците од составот на бригадата изведоа свечено дефиле, а припадниците на Центарот за едукација на македонски фолклор „Митеви“ од општина Гази Баба изведоа пригодна културно забавна програма, а на тактичко технички збор беа изложени дел од средствата и опремата со кои располага бригадата.

Во деновите кои претходеа на одбележувањето на денот на единицата се спроведоа крводарителни акции и спортски натпреварувања.

 

Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на 1.мпбр е одреден 2-ри април, како датум на кој оваа единица е трансформирана согласно новата организациско-формациска структура на АРМ. Со достигнувањето на оперативната готовност, 1.мпбр ги презеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица во АРМ.

 

Оваа најголема единица во АРМ во чии редови се наоѓаат припадници од повеќе родови е препознатлива по  досегашните стекнатото  борбено искуство  и учество  во  мировните мисии, голем број на вежбовни активности  и  високи резултати од НАТО оценувањата особено на средната баталјонска група, справувањето со предизвиците од миграциската криза но  и несебичната помош   која  припадниците  на  оваа  единица  ја  пружат на граѓаните на Република Македонија  секогаш   кога  за тоа се укажала  потреба.