13.04.2018

Одбележување на 15. април - Денот на Командата за обука и доктрини

По повод денот на Командата за обука и доктрини (КОД) денес, во касарната „Алексо Демниевски - Бауман“ во Велес се одржа воена свеченост.

 

Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Мухамет Рацај во своето обраќање пред присутните им го честиташе празникот на припадниците на КОД, потенцирајќи дека обуката и стекнувањето на нови знаења и вештини се едни од најважните сегменти во војничката професија чии носители се припадниците на оваа команда.

 

Заменик командантот на КОД, полковник Стојанче Тодоров осврнувајќи се на историскиот развој на единицата, истакна дека сите задачи во изминатиот период се реализирани успешно и професионално и порача дека задачите од доделената мисија ќе продолжат да се реализираат со истиот ентузијазам и во наредниот период.

 

На денешната свеченост присуствуваа: заменик на началникот на ГШ на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Мухамет Рацај, директорот на ГШ на АРМ, генерал–мајор Димче Петровски, претставници од МО и ГШ на АРМ, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, поранешни команданти и пензионирани старешини од составот на КОД, претставници од надворешните соработници, како и гости од локалната самоуправа .

 

Претходно, по повод денот на единицата беше организирана крводарителна и хуманитарна акција, а во знак на добра и успешна соработка со локалните институции се одржаа заеднички спортски натпревари во мал фудбал, пинг-понг, шах и стрелаштво. Исто така се положи и свежо цвеќе пред споменикот на Алексо Демниевски - Бауман во Велес, чие име го носи оваа касарна.

 

На свеченоста се доделија стимулативни мерки, благодарници на надворешни соработници и беа прогласени најдобрите екипи за одржаните спортски активности кои претходеа на одбележување на денот.

 

Крајот на оваа свеченост се одбележа со кратка културно уметничка програма.

 

Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, 15-ти април е одреден, како ден на Командата за обука и доктрини. Тоа е датумот кога во 1992 година пристигна првата класа регрути од регуларниот состав на Армијата на Република Македонија на отслужување воен рок во самостојна и независна Република Македонија.