01.03.2018

Полкот за специјални операции го одбележа денот на единицата

Припадниците на Полкот за специјални операции (пСО) денес во касарната ,,Илинден“ во Скопје, со воена свеченост го одбележаа денот на кој пред 24 години е формирана единицата, настан кој е определен како ден на оваа најелитната единица на АРМ.

 

На свеченоста покрај министерот за одбрана (МО) на Република Македонија Радмила Шекеринска и Началникот на генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ) генерал-потполковник Методија Величковски, присуствуваа и заменикот на МО Беким Максути, ЗНГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, државниот секретар во МО Драган Николиќ, генерали на АРМ, команданти на единиците на АРМ, поранешни команданти на пСО и други гости од МО на РМ и ГШ на АРМ.

 

Министерката Шекеринска во своето обраќање истакна дека Македонија ја дефинираше својата стратешка цел, членство во НАТО и им се заблагодари на припадниците на Полкот за сето она што тие го направија да ја претстават Македонија во вистинско светло, и да и помогнат на својата земја да ги реши своите предизвици во тешки времиња. „Секој чекор напред кон НАТО - Алијансата ќе биде чекор напред за стратешките интереси на Македонија, за нејзиниот напредок, за нејзината стабилност.

 

Министерката најави дека припадници на полкот ќе бидат дел од воена вежба во Бугарија во октомври оваа година, на која ќе учествуваат поголем број земји од регионот.

 

Командантот на пСО бригадниот генерал Орце Јордев во својот говор пред присутните го истакна историското значење на овој ден за единицата, како и придонесот на специјалните единици во изградба на модерниот систем на обука на АРМ и градење на капацитети за борба против современите закани. Притоа им порача на припадниците на полкот да продолжат и понатаму да бидат пример на посветеност и одговорност и да останат доследни во исполнувањето на вредностите од препознатливото мото на полкот „повеќе од можното“.

 

И покрај исклучително високите критериуми на селекција за прием, во оваа атрактивна единица, на последните конкурси за прием во професионални војници кандидатите искажуваат огромен интерес току поради нејзиното докажано реноме меѓу јавноста во Република Македонија и пошироко.

 

На свеченоста, по повод денот на единицата, беа прочитани стимулативни мерки за припадници на пСО за остварените резултати,а беа доделени и унапредувања.

 

Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на пСО е одреден 1 март, датум на кој за прв пат во Армијата на Република Македонија беше формирана единица за специјални намени под името „Волци“, а од ноември 2006 година извршено е преструктуирање на единицата во полк за Специјални Операции во чиј состав влегуваат баталјонот за специјални намени и ренџерскиот баталјон.