06.02.2018

Делегација на командата за специјални операции на САД за Европа во посета на Армијата на Република Македонија

Соработката во обуката и заедничкото досегашно учество во меѓународни вежби на припадниците на АРМ од полкот за специјални операции (пСО) и од командата за специјални операции (КСО) на САД за Европа, беа главните теми на денешните разговори со делегацијата на оваа команда која се наоѓа во дводневна официјална посета на Република Македонија.

 

За време на престојот на делегацијата во генералштабот на АРМ, командантот на оваа команда, по одржаниот состанок со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, генерал мајор Марк Шварц оствари состанок со началникот на генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, на кој се дискутираше за долгогодишната соработка во обуката, заедничкото учество во меѓународни вежби и можноста за понатамошни заеднички активности на АП Криволак.

 

При посетата на командата на пСО на АРМ, делегацијата се запозна и со стекнатите придобивки во  заедничката обука под покровителство на командата за специјални операции на САД за Европа, која отпочна од далечната 1996 година, како и заедничките вежби од мултинационален и мултешалонски карактер на различни меѓусебно поврзани локации.

 

Покрај активностите во доменот на обуката и меѓународни вежби со вооружените сили на САД, благодарејќи на партнерската програма за соработка со НГ на Вермонт која оваа година навршува 25 години од своето отпочнување, се реализирани повеќе од 800 активности на кои над 6000 припадници на АРМ ги совладале стандардите, техниките и процедурите на вооружените сили на САД, кои се имплементирани во командите и единиците на АРМ, со што се достигнати стандардите на НАТО.