23.02.2018

Брифинг за борбената готовност на АРМ за 2017 година пред Претседателот на Република Македонија

Како редовна и законска обврска кон Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, реферираше за состојбата на борбената готовност (б/г) на АРМ за 2017 година.

 

На брифингот за б/г на АРМ, на кој присуствуваа Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генералите од ГШ на АРМ и претставници од кабинетот на Претседателот, од страна на НГШ на АРМ се претстави реализацијата на плановите и задачите во АРМ во изминатата година, факторите и елементите кои влијаат на б/г на АРМ, како и предлози и мерки за подобрување на степенот на б/г на АРМ на повисоко рамниште во 2018 година.

 

Врз основа на извршената целосна и објективна анализа на ГШ за 2017 година, на брифингот се опфатија клучните функционалните области на АРМ кои влијаат на б/г, а се однесуваат на: персоналниот менаџмент, моралот, операциите, обуката и вежбите, логистичкото обезбедување, планирањето, врските и комуникациите, буџетирањето и цивилно-воената соработка.

 

Од страна на НГШ на АРМ се истакнаа клучните задачи и проекти кои ја одбележаа измината јубилејна година за АРМ, како што се: успешното реоценување по стандардите на НАТО на најголемата декларирана единица на АРМ-средната баталјонска група, успешно извршување на задачите во меѓународните мисии надвор од Република Македонија, асистенција на институциите при елементарни непогоди и спасување, асистенцијата на граничната полиција во обезбедувањето на државната граница и зајакната регионална и меѓународна меѓуармиска соработка.

 

Притоа се посочија приоритетите и мерките кои треба да се превземат во следната 2018 година, која се очекува да биде и најуспешна за АРМ во јакнење и подигање на степенот на борбената готовност и моралот на припадниците на АРМ. Како приоритети се посочени: редовна пополна на АРМ со персонал, подобрување на опременоста и одржувањето на материјално техничките средства и условите за работа, изработката на стратегиските документи кои ја регулираат одбраната, прилагодување на обуката според актуелните безбедносни предизвици и барањата на НАТО, одредување на приоритетите за осовременување на капацитетите и способностите на АРМ, поефективно финансирање на АРМ согласно реалните потреби.

 

Како  заклучок кој произлезе од брифингот е дека АРМ во изминатата година и покрај објективните потешкотии и ограничени расположливи ресурси, успешно ја извршуваше својата мисија и сите поставени задачи, при што борбената готовност со големи напори и залагање на персоналот беше на потребното рамниште.

 

На крајот од брифингот, се прочита Указ на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со кој во чин генерал мајор се унапреди бригадниот генерал Зоран Милески кој ја извршува должноста командантот на Здружено оперативната команда од ноември 2016 година.