01.01.2018

Традиционална новогодишна посета на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на единиците на АРМ во касарната „Чојлија“

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов заедно со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, по повод новогодишните празници ги посетија припадниците на Армијата на Република Македонија во касарната „Чојлија“.

 

При денешната традиционална новогодишна посета на единици на АРМ, Претседателот Иванов на припадниците на АРМ кои извршуваат должност за време на новогодишните празници им ја честита новата година од негово лично име и од име на граѓаните на Република Македонија, притоа на единиците стационирани во оваа касарна им подари ТВ приемник.

 

Тој воедно им се заблагодари за извршување не само на уставно определените задачи во заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет, туку и за несебично вложениот максимум секаде каде за тоа имаше потреба во справување со кризни ситуации.

 

Во рамки на посетата Претседателот Иванов од страна на командантот и командирот на тенковскиот баталјон и четата за АБХО, лоцирани во оваа касарна се информираше за актуелната состојба и за мисијата и задачите на овие единици од состав на првата механизирана пешадиска бригада.

 

Воедно имаше прилика да се запознае со средствата на овие единици, и со постапките на тенковска посада во разни ситуации при подготовка на тенк за борбени дејствија.

 

Во изјава за медиумите претседателот Иванов упати искрени честитки и до сите припадници на АРМ кои се во мировни мисии надвор од државата, притоа истакна дека АРМ заслужува оваа година да биде полноправна членка во нато по долготрајниот пристапен процес.

 

На крајот од посетата врховниот командант и НГШ на АРМ, заедно со командантите на здружено оперативната команда и на 1.мпбр, бригадните  генерали Зоран Милески и Мирче Ѓоргоски имаа заеднички ручек со војниците.