29.11.2017

Началникот на ГШ на АРМ во официјална посета на ВС и МО на Словачката Република

Делегацијата на Армијата на Република Македонија, предводена од началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, согласно планот на официјалната посета на Словачката Република, денес оствари официјални разговори во Генералштабот (ГШ) на вооружените сили (ВС) и министерството за одбрана.

 

За време на престојот во Генералштабот генералот Величковски по пречекот со високи воени почести оствари средба со својот домаќин, НГШ на ВС на Словачката Република, генерал Милан Максим и со министерот за одбрана Петер Гајдош.

 

На средбите се разгледаа можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка преку изнаоѓање на облици кои би донеле взаемен бенефит преку учество на воени вежби и курсеви за обука со користење на капацитетите со кои располагаат армиите на двете земји.

 

Од страна на клучниот персонал на ГШ на Словачките ВС за време на официјалните разговори се презентираа искуствата на ВС на Словачка при влезот во членството во НАТО алијансата, учеството во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, а воедно се разменија и научените лекции на единиците на АРМ во ангажирањето во миграциската криза.

 

Во текот на денот делегацијата на АРМ имаше прилика да се запознае со можностите за обука кои ги нуди  воениот центар за обука во Лешт, а ја посети и командата на тактичкиот винг на воздухопловните сили на Словачка во Слиач.

 

Во текот на утрешниот ден генералот Величковски  ќе оствари средба со председавачот на Комитетот за одбрана и  безбедност на собранието на Словачката Република Антон Хрнко при што ќе се разговара за современите безбедносни предизвици.

 

Ова е прва посетата на ВС на Словачката Република од страна на воена делегација на АРМ предводена од началник на ГШ, и истата доаѓа по минатогодишната посета на генералот Максим на Република Македонија каде фокусот беше ставен на начинот на кој АРМ се справуваше со миграцискиот бран.