14.11.2017

НГШ на АРМ во официјална работна посета на Генералштабот и Mинистерството за одбрана на Република Бугарија

Началникот на Генералштабот (НГШ) на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски ја предводи делегацијата на АРМ во официјална работна посета на Генералштабот и Mинистерството за одбрана на Република Бугарија.

 

По приемот со високи воени почести, генералот Величковски имаше средба со својот домаќин, НГШ на Вооружените Сили на Р. Бугарија, генерал-потполковник Андреј Боцев, по што следуваше состанок помеѓу делегацијата на АРМ, придружувана од Амбасадорот на Р.Македонија во Бугарија Н.Е Марјан Ѓорчев и претставници од бугарскиот генералштаб.

 

На средбата помеѓу началниците на генералштабовите се разговараше за меѓусебната воена соработка, пред се за зајакнување на постоечката соработка во областа на военото образование, едукација на воено медицински кадар, соработка во воената обука на специјалните сили, соработка во военото воздухопловство и противвоздушна одбрана, користење на ремонтните заводи на Република Бугарија и можна соработка на полето на аквизицијата. Притоа од страна на генералот Величковски беа претставени капацитетите и можностите за изведување заедничка обука на армискиот полигон “Криволак“.

 

Генералите Величковски и Боцев  иразија увереност дека                           добрата меѓусебна соработка во полето на одбраната и добрите односи во регионот се  од значење за севкупната стабилност и безбедност која уште повеќе ќе зајакне по заокружување на процесот на прием во НАТО на сите земји членки на иницијативата САД-Јадранска повелба.

 

Овие заложби беа повторени и за време на состанокот на делегацијата на АРМ со заменик на министерот за одбрана Анатолиј Величков при што се искажа поддршката и подготвеност за забрзување на процесите за евроатланска интеграција на Република Македонија.

 

Делегацијата на АРМ во текот на денот ќе оствари посета и на Воената Академија „Г.С Раковски“ каде покрај средбата со началникот на Академијата генерал мајор Груди Ангелов ќе се разгледаат  можностите за понатамошно продолжување на школувања на припадници на АРМ во оваа военообразовна институција.

 

Во текот на утрешниот ден делегацијата ќе го посети и воениот центар за симулации „Чаралица“.

 

Досегашната соработка помеѓу АРМ со ВС на Р.Бугарија е изразена преку школување на македонските старешини на високите воени школи, различни курсеви и обуки и соработка помеѓу единиците на воена полиција и специјалните единици.