09.11.2017

Дваесет и прва Конференција на началниците на ГШ на армиите од земјите-членки на САД-Јадранската повелба

„Проширување на соработката помеѓу земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5) за целосна НАТО интеграција и придонес за безбедноста на Алијансата“, беше главната тема на денешната дваесет и прва конференција  на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на А-5, која денес се одржа во Скопје.

 

„Би повикал на интензивирање на поддршката и солидаризирање со аспирантите за членство во НАТО алијансата, бидејќи само на овој начин ќе го затвориме кругот на рамноправност и ќе ја насочиме нашата енергија кон градење на стабилен регион во кој сите ќе бидеме еднакви. Приемот на Република Македонија во НАТО ќе значи нов импулс за безбедноста и стабилноста на регионот, кој пак се покажа како круцијален во зачувувањето на безбедноста на Европа, особено од аспект на бегалската криза“, истакна во своето воведно излагање домаќинот на конференцијата, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски.

 

Исто така и претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Армијата, д-р Ѓорге Иванов кој имаше свое обраќање на учесниците за време на конференцијата истакна дека со Јадранската повелба постигнувавме регионална стабилност преку регионална соработка, бидејќи, без соработка, нема ниту стабилност ниту безбедност во нашиот регион. Воедно ја истакна потребата на што поскората интеграција на Република Македонија во НАТО бидејќи бараните стандарди се остварени низ 17 акциони планови за членство, 27 ротации во ИСАФ, 6 ротации во „Одлучна поддршка“, 22 ротации во АЛТЕА и 10 ротации во УНИФИЛ, и улогата во мигрантската криза беше врвен тест за способноста на најпроверуваната армија во историјата на НАТО.

 

Во изјавата за медиумите покрај генералот Величковски и заменикот на командантот на командата на Армијата на САД за Европа, генерал потполковник Тимоти Реј по честитањето на 25 годишниот јубилеј на АРМ, изјави дека Македонија и САД се силни стратешки партнери со долга историја на безбедносна соработка и пријателство“.

 

Началниците на ГШ на армиите од А5 денес потпишаа заедничка изјава со која ја потврдуваат цврстата заложба за натамошно зајакнување на односите и проширување и продлабочување во областите на воената соработка, со цел поддржување и зајакнување регионалната безбедност.

 

Армијата на Република Македонија изведува активности како полноправна членка на алијансата и многукратно ја има потврдено посветеноста на основачките принципи на САД - Јадранската повелба потпишана во Тирана, во мај 2003 година, а тоа е просперитет и евро-атлантско интегрирање на земјите од регионот.

 

Република Македонија претходно беше домаќин на деветнаесеттата Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5). Оваа година за првпат покрај работење на функционалните групи во однос на безбедноста, обуката и вежби, логистика и главните подофицери отпочна со работа групата за комуникации и сајбер одбраната.

 

Покрај началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски како домаќин, на конференцијата ќе учествуваат: заменик на командантот на командата на Армијата на САД за Европа, генерал потполковник Тимоти Реј, НГШ на вооружените сили (ВС) на Албанија бригаден генерал Бардил Колчаку, НГШ на ВС на Босна и Херцеговина генерал-потполковник Анто Јелеч, директорот на ГШ на ВС на Хрватска адмирал Роберт Храњ и НГШ на ВС на Црна Гора бригаден генерал Илија Даковиќ.

 

Како набљудувачи присуствуваа НГШ на ВС на Словенија генерал-мајор Андреј Остерман и командантот на Косовските безбедносни сили генерал-потполковник Рахман Рама, а во улога на гости присуствуваа претставници на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите од А5 и тоа: командантот на НГ на Ајова генерал-мајорТимоти Ор, командантот на НГ на Мериленд генерал мајор Линда Синг, командантот на НГ на Мејн бригаден генерал Даглас Ферхам, заменик на командантот на НГ на Вермонт бригаден генерал Џоел Кларк, заменик на командантот на НГ на Минесота генерал-мајор Нил Лојдолт, заменик на командантот на НГ на Охајо бригаден генерал Антони Дигјакомо, заменик на командантот на НГ на Колорадо бригаден генерал грегори Вајт и заменик на командантот на НГ на Њу Џерси бригаден генерал Едвард Кристал.

 

Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата. Средбите во формат на началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно, на кои се разгледуваат прашања од областа на военото образование, воено-техничката соработка, операциите за поддршка на мирот и други актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста.