05.10.2017

Состанок со воена делегација на меѓународниот воен штаб на НАТО

Воена делегација на меѓународниот воен штаб (МВШ) на НАТО предводена од бригаден генерал Мариан Јелиниевски, заменик директор на секторот за безбедност и соработка во МВШ, оствари посета на ГШ на АРМ, при што се реализира работен  состанок со НГШ на АРМ и дел од раководните старешини.

 

Најпрвин, генералот Јелиниевски оствари средба со началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник  Методија Величковски, каде се дискутираше за важноста на континуираната подршка на извршните тела на НАТО за интеграција на Република Македонија во НАТО структурите и идентификување на воените аспекти за остварување на оваа цел. Генералот Величковски упати благодарност за неодамнешното приклучување на Република Македонија во програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната, нагласувајќи го како уште еден сегмент во приближување до наша потполна интеграција во НАТО.

 

На одржаниот состанок ГШ на кој присуствуваа и воениот претставник во НАТО генерал мајор Васко Ѓурчиновски, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, шефот на канцеларијата за врски на НАТО морнарички капетан Горазд Бартол и началници на секциите од ГШ на АРМ, делегацијата на МВШ на НАТО се запозна со структурата, мисијата и задачите на АРМ, како и со тековните и идни активности.

 

 Воедно, на состанокот се разговараше за доследноста на АРМ во спроведувањето на одбранбените реформи и реализација на партнерските цели, неодамнешното затварање на седумнаесетиот акционен План за членство на Република Македонија во НАТО и можностите за унапредување на меѓусебните врски и облиците на соработка. При тоа од страна на делегацијата беше истакната силната поддршка и пофални зборови за обученоста и прикажаните резултати на припадниците на АРМ во извршување на задачите во мировните мисии предводени од НАТО и на меѓународните воени вежби.

 

Делегацијата на МВШ на НАТО во текот на дводневната посета на Република Македонија покрај средби во министерството за одбрана ќе го посети и Армискиот полигон Криволак каде ќе се запознаат со процесот на оценувањето на  средната пешадиска баталјонска група.

 

Ова е прва официјална посета на меѓународниот воен штаб на НАТО, кој е  извршно тело на високиот орган на НАТО, воениот комитет со седиште во главниот штаб во Брисел, и неговата улога е обезбедување на стратешки и воени совети и поддршка на персоналот на Воениот комитет и е суштинска врска помеѓу политичките тела за донесување одлуки на Алијансата и стратешките команданти на НАТО и нивните штабови.