10.10.2017

Експертски разговори со претставници од Министерството за одбрана и Вооружените сили на Република Словенија

Врз основа  на претходно договорена соработка, во работна посета на Армијата на Република Македонија од 9 до 11 октомври престојува експертски тим од министерството за одбрана на Република Словенија и претставник од невладината организација „The international trust for demining and mine victims assistance“.

 

Темите на овие експертски разговори на кои учествуваат претставници од Генералштабот на АРМ и Здружената оперативна команда се унапредување на системот за одржување на муницијата во АРМ, методи и постапки за уништување на вишок муниција и минско експлозивни средства (МиМЕС), како и модернизација на складот „Криви дол“.

 

Во текот на посетата припадниците на АРМ и делегацијата извршија обиколка на армискиот склад со муниција „Еребино“ при што ги разгледаа капацитетите, можностите и условите за одржување на муницијата во овој армиски склад  и делаборачницата на АРМ.

 

По оваа посета се очекува унапредување на меѓусебната соработка на ова поле со упатување на претставници од составот на АРМ за обука во капацитетите за одржување на МиМЕС, во Република Словенија при уништување на МиМЕС и соработка при модернизацијата на складот „Криви дол“.