13.09.2017

 

Посета на командантот на Националната Гарда на Вермонт на Армијата на Република Македонија

Со приемот кај Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, високата воена делегација на националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД, Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј ја отпочна официјалната посета на Република Македонија.

 

За време на приемот генералите Величковски и Креј го истакнаа значењето на одличната воена соработка на АРМ со НГ на Вермонт, изразена преку досегашното заедничко учество во мировни операции, реализацијата на голем број заеднички вежби, континуираното изведување на обука и едукација на припадниците на двете армии.

 

Во оваа прилика од страна на генералот Величковски се додели благодарница за унапредување на меѓусебната соработка на потполковник Тод Гоф, директор на воената контакт програма на НГ на Вермонт за соработка на АРМ со Армијата на САД.

 

По приемот кај НГШ на АРМ, во министерството за одбрана се реализира состанок со Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на кој присуствуваше и амбасадорот на САД во Р. Македонија, Н.Е Џес Бејли.

 

На состанокот од двете страни беше изразено огромно задоволство од искреното партнерство кое трае веќе 22 години. Во периодот од 1995 па сè до денес со Националната гарда на Вермонт реализирани се повеќе од 850 активности на кои повеќе од 4.500 припадници на МО и АРМ имале можност да се запознаат со стандардите, тактиките и техниките на работење на Националната гарда на Вермонт, вооружените сили на САД и НАТО стандардите.

 

Во изјавите од страна на генералот Креј истакна дека од 70 партнерства на националните гарди на САД во светот, партнерството на Националната гарда на Вермонт и АРМ е еден од најуспешните примери на соработка, додека министерката за одбрана Шекеринска истакна дека Македонија смета на своите стратешки партнери, особено сега кога работиме забрзано и искрено кон членството во НАТО.

 

Делегацијата од НГ на Вермонт во текот на денешниот ден ќе оствари посета на Министерството за внатрешни работи, а ќе го посетат и Центарот за управување со кризи, каде ќе се запознаат со начинот на организација во справување со кризните ситуации, менаџирање со персоналот и ресурсите, како и координацијата со останатите државни институции.

 

Во текот на утрешниот ден делегацијата од НГ на Вермонт ќе оствари средба со Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со собраниската комисија за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија.  

 

За време на неколкудневната посета, претставници на делегацијата на НГ на Вермонт ќе остварат обиколки и посети на дел од единиците на АРМ каде ќе им бидат презентирани средствата и капацитетите на единиците, а ќе се запознаат и со активностите кои ги изведуваат овие единици.

 

Континуираните годишни средби на највисоко армиско ниво со НГ на Вермонт овозможуваат постојано надградување на соработката со оваа партнерска армија, преку воената контакт програма за соработка со Армијата на САД.