10.08.2017

АРМ и МО им одадоа почит на загинатите припадници на АРМ кај Љуботенски Бачила

Делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во спомен на загинатите припадници на Армијата на Република Македонија кај месноста Љуботенски Бачила во 2001 година, денес положи свежо цвеќе пред нивните споменици во селата Љубанци и Волково и кај спомен-плочата во касарната „Илинден“ во Скопје.

 

На 10 август 2001 година, воено товарно возило на АРМ на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на две противтенковски мини каде животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје.

 

Покрај делегациите на АРМ и МО почит на загинатите им одадоа и членови од семејствата, колеги, роднини, пријатели и сограѓани.