29.08.2017

 

Средба со офицерите од седмата ротација во командата Север во мисијата „Одлучна поддршка“

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај остварија средба со шесте штабни офицери на АРМ по повод заминувањето во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, кои ќе бидат распоредени во Мазар е Шариф во рамки на командата за обука, советување и асистенција - Север.

 

„Вашето учество во мисијата ’Одлучна поддршка’ во Авганистан за Македонија претставува двоен бенефит – тоа ја покажува нашата силна волја да придонесеме во меѓународните мировни мисии, што силно ја поддржува нашата амбиција за членство во НАТО, но учеството значи и големо искуство за Армијата на Република Македонија кое го пренесувате и на своите колеги“, рече министерката. Таа им посака многу успех и среќа во извршување на задачите и додаде дека Македонија ја анализира можноста за зголемен ангажман во оваа мисија.

 

Генералот Рацај, им посака достојно претставување на Армијата на Република Македонија и Република Македонија и успешно извршување на мисијата, при што ги нагласи важноста, сериозноста и професионалното извршување на задачите,

 

Шесте штабни офицери се седма ротација на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ чија основна цел е да обезбеди обука, советување и поддршка на авганистанските безбедносни сили.