22.06.2017

 

Доделување на дипломи на старешини на АРМ за завршени курсеви по турски јазик

Во Генералштабот на Армијата на Република Македонија, од страна на НГШ на генерал потполковник Методија Величковски се реализира прием и церемонија за доделување на сертификати на припадници на АРМ кои во текот на тековната 2017 година завршија јазичен курс по турски јазик.

 

На денешната церемонија присуствуваа заменик на Амбасадорот на Република Турција во Република Македонија г-дин Тахир Бора Аттатанир, г-дин Фуат Коркмаз, директорот на културниот центар и институт за турски јазик „Јунус Емре“, одбранбеното аташе потполковник Рушен Абадиноглу и претставници од Амбасадата на Република Турција во Македонија и Институтот „Јунус Емре“.

 

Од страна на генералот Величковски по искажаната благодарност за севкупната поддршка од страна на Република Турција за интегрирање на Република Македонија во НАТО алијансата, се истакна бенефитот на изучување на турскиот јазик како основен услов за трансфер на стекнати знаења во воено образовните институции во Република Турција.

 

Соработката на полето на  воената едукација со Вооружените сили на Република Турција има особено значење не само за АРМ туку и за долгогодишна меѓусебното стратешко пријателство кое ги поврзува нашите држави, истакна генералот Величковски.

 

Заменик на Амбасадорот на Република Турција г-дин Аттатанир во неговото обраќање се осврна на досегашната пријателска соработка меѓу двете држави, постојаното настојување за употребата на уставното име на Република Македонија во НАТО, заедничкото учество во мировната мисија одлучна поддршка, но и севкупната меѓуармиска соработка во повеќе области.

 

Владеењето со странски јазици, меѓу кој и турскиот јазик за школувањето на припадниците на АРМ на престижните воено образовни институции во земјите членки на НАТО, претставува важен сегмент на интероперабилност со воената едукација на НАТО.

 

 Во досегашниот период припадници на АРМ континуирано се упатуваат и со успех ги завршуваат школувањата на воените академии, последипломски студии и курсеви во различни воени полиња на високи воени школи во Република Турција.

 

Стекнатото знаење и искуства на припадниците на АРМ на воените образовни институции во странство е особено значајно во инкорпорирање на истите во воената доктрина и планирање на обуката и едукацијата во АРМ, со што се овозможува побрза интеграција на АРМ во структурите на НАТО.