17.05.2017

 

Учество на логистичка вежба на командно место „LOGEX 17“

Припадници на Армијата на Република Македонија од ГШ на АРМ и потчинетите команди и единици кои извршуваат должности од доменот на логистиката го завршија учеството на логистичка вежба на командно место „LOGEX 17“ која се одржа во периодот од 8-19 мај во Тирана, Република Албанија.

 

Вежбата има мултинационален пристап во процесот на планирање и поддршка на силите при ангажирање во мисии надвор од својата територија. Во неа учествуваа девет држави, меѓу кои дванаесет претставници од Армијата на Република Македонија.

 

Врз основа на претходно создадено сценарио учесниците добиваа задачи (инциденти) кои бараа логистичка поддршка на единицата со големина на бригада - Мултинационални сили за задача.

 

Претставниците на Армијата на Република Македонија беа членови на ќелиите за логистички операции, логистичко планирање, национален елемент за поддршка (НЕП), здружената група за логистичка поддршка и во ќелиите за контрола на вежбата.

 

Покрај претставниците на Армијата на Република Македонија на вежбата учествуваат и претставници на армиите на Република Албанија, Република Босна и Херцеговина, Република Србија, Република Хрватска, Република Црна Гора, Република Финска, Република Молдавија и Кралството Шведска.

 

Вежбата е спонзорирана од САД со цел подобрување и зајакнување на интероперабилноста  помеѓу учесниците во процесот на планирање и извршување на логистичката поддршка на силите.