19.04.2017

 

Делегација на АРМ во официјална посета на Националната Гарда на Вермонт

Делегацијата на АРМ предводена од Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски во текот на вчерашниот ден (18.04.2017 год.) ги започна планираните активности во рамки на работната посета на сојузната држава на САД-Вермонт.

 

Во склоп на агендата на првиот работен ден генералот Величковски оствари средба со својот домаќин, командантот на Националната Гарда (НГ) на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј, на која се разговараше за актуелните активности во воената соработка, особено во делот на обуката и вежбовните активности.

 

На состанокот на кој беа презентирани заедничките активности и капацитети, генералите го искажаа заедничкото задоволство од реализација на досегашната соработка, и потребата за постојаното проширување на облиците на обука со изведување на заеднички вежбовни активности кои би се одвивале на армискиот полигон Криволак со учество на армиите на земјите на САД - Јадранската повелба.

 

Генералот Величковски се заблагодари за можноста на користење на капацитетите на НГ на Вермонт за обука и едукација за припадниците на Армијата на Република Македонија, особено преку расположливоста на центарот за симулации, но и планирање на изведување на заедничко изведување на обука на инженериските единици.

 

Во текот на денот делегацијата на АРМ го посети центарот за обука „Итан Аллен“ и воениот камп „Џонсон“ и центарот на симулации при што беа запознаени со можностите и начинот на изведување обука во овие капацитети и користење на оперативните процедури за гаѓање кои ги користи НГ на Вермонт.

 

Посетата на Вермонт продолжува во текот на денешниот ден каде во Монтпелиер НГШ на АРМ ќе оствари средба на највисоко ниво со гувернерот на Сојузната држава Вермонт господин Фил Скот, а ќе оствари посети на воениот универзитет „Норвич“, Центарот за обука „Итан Аллен“ и агенцијата за Кризен менаџмент и државна безбедност на Вермонт.