01.03.2017

 

Со воена свеченост полкот за специјални операции (пСО) го одбележа денот на единицата

По повод денот на Полкот за специјални операции (пСО) во касарната ,,Илинден“ во Скопје се одржа воена свеченост. Командантот на пСО, бригаден генерал Орце Јордев во своето излагање пред присутните се осврна на историскиот развој на единицата, која 23 години од нејзиното формирање постигнува врвни резултати за што најдобар доказ се високите оцени и голем број одликувања од НАТО, Армијата на САД како и граѓаните на Република Македонија. Исто така порача дека и покрај предизвиците доследно и посветено со голем елан и највисок степен на професионализам и во иднина ќе ги извршуваат поставените задачи.

 

На свеченоста свое обраќање имаше Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај кој им го честиташе празникот на припадниците на пСО при што го нагласи нивниот огромен придонес во изградбата на модерен систем за обука на АРМ но и на нејзините капацитети за борба против глобалниот тероризам заради што водени под мотото „секогаш и секаде први ќе бидат забележани во историјата на АРМ“.

 

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски истакна дека пСО има многу важно место во АРМ и РМ и претставува важен елемент во современото безбедносно опкружување за брзо и енергично справување со неконвенционалните закани.

 

На свеченоста присуствуваа: Министерот за одбрана Зоран Јолевски, Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, генералите во АРМ, поранешни началници на ГШ на АРМ и пензионирани генерали, високи претставници од МО и ГШ на АРМ, команданти на  потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, поранешни команданти и припадници на единицата и други високи гости.

 

На свеченоста по повод Денот на единицата беа прочитани наредби за унапредување во непосредно повисок чин за офицери и подофицери како и стимулативни мерки за постигнати резултати во работата.

 

Со полагање на свежо цвеќе им беше оддадена почит на загинатите припадници на пСО, на споменикот подигнат во нивна чест.

Во годината кога АРМ го одбележува јубилејот 25 години од нејзиното формирање, Денот на единицата се одбележа со соодветна програма согласно правилото за воен протокол каде единиците од составот на пСО изведоа свечено дефиле.

 

Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорѓе Иванов 1-ви март е одреден за ден на пСО, со традиции на денот кога е формирана првата специјална единица на АРМ, 1 март 1994 година.