31.03.2017

 

Со воена свеченост припадниците на 1 механизирана пешадиска бригада го одбележаа денот на единицата

Припадниците на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) од Армијата на Република Македонија на достоинствен начин со прикладна воена свеченост во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го одбележаа денот на бригадата.

 

Денот на единицата, определен со одлука на Претседателот на Република Македонија е потсетување на денот кога 1.мпбр со достигнувањето на оперативната готовност ги презеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади согласно новата организациско-формациска структура на АРМ, со седиште на  командата во Петровец.

 

Долгиот и цврст маршевски чекор на ешалоните од сите единици од состав на бригадата го отслика значењето на оваа најголема борбена единица на АРМ препознатлива по добиените високи резултати од оценувањата, вежбовните активности, мировните мисии во Авганистан и Ирак, но и по пружената помош на граѓаните на Република Македонија, секогаш кога за тоа се укажала потреба.

 

Командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски во своето обраќање нагласи дека патриотизмот кој е движечка сила во сите нас, вложениот труд и посветеност во извршување на задачите претставуваат гарант за  независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија.

 

Пофалните зборови за успешниот ангажман на единицата не изостанаа и во говорот на командантот на здружено оперативната команда, бригаден генерал Зоран Милески, при што беше нагласена потребата од постојана посветеност во изградба на воен колектив подготвен решително да се избори со сите безбедносни предизвици.

 

Согласно програмата на воената свеченост за најдобра единица во бригадата е прогласена 4 минофрлачка батерија од 4 механизиран пешадиски баталјон, а се доделија стимулативни мерки и унапредувања. На крајот од свеченоста присутните го проследија тактичко техничкиот збор на орудија, оружје и опремата со кои располага бригадата збогатен со настап на културно уметничкото друштво „Илинден“.

 

Во духот на одбележување на 25 години од постоењето на АРМ, поранешните команданти на првата и втората механизирана пешадиска бригада, генерали во пензија по завршување на свеченоста пред присутните потсетија на значајните моменти поврзани со историјата на бригадата.

 

На свеченоста покрај началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски присуствуваа, генералите од АРМ, претставници од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, МО и ГШ на АРМ, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, поранешни команданти на бригадата, пензионирани генерали, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.