24.03.2017

 

АРМ одбележа 25 години од преземањето на касарната „Илинден“

Армијата на Република Македонија во рамки на активностите за одбележување на 25 години од постоењето, во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост го одбележа преземањето на најголемиот воен објект во Република Македонија од тогашната ЈНА.

 

На воената свеченост по пречекот на државното знаме и знаменосниот вод, пред ешалоните на единиците на АРМ кои се сместени во касарната „Илинден“ се обрати командантот на полкот за специјални операции и сегашен командант на касарната, бригаден генерал Орце Јордев.

 

По краткиот историски осврт за тогашниот период кога, на 26 март 1992 година замина и последниот војник на тогашната ЈНА, а на јарболот се крена знамето на Република Македонија, генералот Јордев го истакна значењето на овој настан за АРМ, но и за Република Македонија.

 

На свеченоста се доделија благодарници на старешини кои учествувале и се сведоци на тој историски настан, и тоа на првиот командант на касарната Гене Станојковски, командирот на стражата која го преземала обезбедувањето Јанче Андоновски и на војникот кој за првпат го кренал знамето на Република Македонија на јарболот во касарната Жаклина Попоска.

 

Сведоците на настанот не ги криеја чувствата кога пред медиумите ги кажуваа сеќавањата на тој турбулентен период од нашата историја. АРМ во тоа време ја започна својата успешна приказна речиси без материјални и технички средства но со персонал кој со вткаена љубов кон татковината допринесе за постигнување на она што денес претставува АРМ.