14.02.2017

 

Настап на воениот оркестар во Кавадарци

Како најава за отпочнување на активностите поврзани со одбележување на 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија, воениот оркестар на АРМ од составот на баталјонот за почести се претстави пред граѓаните на  Кавадарци со вечерен музички концерт.

 

Концертот кој се одржа во соработка со општинското основно музичко балетско училиште ООМБУ “Лазо Мицев-Рале“ се изведе во вечерните часови на ден 13.02.2017 година во Домот на културата „Иван Мазов Климе“  во Кавадарци, кој беше исполнет до последно место.

 

Учениците од дувачката класа ООМБУ “Лазо Мицев - Рале“ имаа можност заедно со Оркестарот на АРМ во исполнување на два музички маршеви, кое сигурно ќе остане врежано во меморијата на младите музичари кои во иднина можеби ќе пројават интерес за нивно ангажирање во оркестарот.

 

Преку соработка со локалните самоуправи во Република Македонија, воениот оркестар и баталјонот за почести на АРМ во јубилејната година на одбележување на 25 години на АРМ, ќе продолжат и во понатамошниот период да ја претставуваат и приближуваат АРМ пред граѓаните на Република Македонија.

 

Воениот оркестар на АРМ е професионална, културна институција во составот на Армијата и е единствен професионален дувачки оркестар од ваков карактер во Република Македонија чија основната намена е учество на значајни протоколарни активности и свечености, како за АРМ така и за Република Македонија.

 

На неговиот репертоар се различни жанрови на музика од познати домашни и странски автори од типот на: класична музика, поп музика, маршевска и многу други видови на дела.