21.02.2017

 

Работилница за изработка на главна листа на настани и главна листа на инциденти

Во период од 20-24 февруари во рамките на циклусот активности за претстојната мултинационална логистичка штабна вежба „Logex 17“ во Домот на АРМ во Скопје се одржува „Работилница за изработка на главна листа на настани и главна листа на инциденти“.

 

Како дел од планирачкиот процес за време на оваа работилница се креираат настани и инциденти кои ќе се изведуваат текот на вежбата на која учесниците ќе извежбуваат извршување на мисијата во мултинационална средина.

 

Цел на циклусот вежби „Logex“ е обука на штабни офицери од земјите учеснички во следните области: распоредување на сили, систем на команда и контрола во НАТО, поддршка на земјата домаќин, развивање и работа на национален елемент за поддршка, прием, сместување, понатамошно движење и интеграција на силите, опстојување и враќање на единиците од мисијата предводена од НАТО за која е даден мандат од Обединетите нации.

 

На оваа вежба земјите учеснички ќе имаат можност да го проверат моменталниот статус на развој и интероперабилност на логистичкиот систем со прифатените партнерски цели.

 

На работилницата учествуваат претставници од: Здружениот штаб на Армијата на САД од секцијата Ј7, Европската команда на Армијата на САД од секцијата Ј5,  НАТО школата во Латина, Италија, Македонија, Финска, Црна Гора, Молдавија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Хрватска и Шведска.

 

Меѓународната логистичка вежба „Logex 17“ ќе се реализира во Република Албанија во периодот од 8-ми до 19-ти мај 2017 година.