13.06.2018

Завршеток на компјутерски асистирана вежба во Центарот за симулации

Во насока на достигнување на потполна оперативна готовност, во период од 11.06. до 13.06.2018 година, во Центарот за симулации (ЦС), во Командата за обука и доктрини (КОД), се реализира втората по ред оваа година, компјутерски асистирана вежба (Computer Assisted Exercise - CAX) – „Засилен механизиран пешадиски баталјон во одбрана“ со припадниците од 1.механизиран пешадиски баталјон (1.мпб) од 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), од Здружена оперативна команда (ЗОК).

 

На оваа вежба и претходеше обука на оператори на JCATS (Joint Conflict and Tactical Simulation) симулациска платформа, каде како за инструктори се појавија припадниците на ЦС/КОД. Ентузијазмот, упорноста и професионалната посветеност на тимот млади луѓе со кои раководи потполковник Ѓорги Василевски, на дело ја организираа, подготвија и спроведоа оваа вежба. Ова покажува дека желбата за личен и колективен развој придонела компликувани софтверски процедури бидат совладани за многу кратко време.

 

За време на завршеток на активноста во посета на ЦС беше командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, со цел да ги посети припадниците од 1.мпб, а воедно присуствуваше и на анализата на компјутерски асистираната вежба.

 

Ако се земе во предвид фактот дека ЦС/КОД ја доби опремата пред          една година,  односно обуката на персоналот започна пред исто толку време, ќе заклучиме дека тимот е на добар пат на АРМ да му понуди алатка за обука на ниво на сите современи армии, каде единиците и штабовите ќе ги увежбуваат  штабните процедури за донесување на одлуки и како тие одлуки ќе влијаат на крајниот исход на борбените и не борбени дејства на единиците во реално време, на реален терен во однапред дефинирана оперативна рамка.