10.11.2017

Свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење воен рок

Денес во касарната „Алексо Демниевски - Бауман”, Велес се реализираше воена свеченост  по повод  давање заклетва на војниците на доброволно служење воен рок од генерацијата „Октомври 2017 година“.

 

Триесет и третата генерација војници кои доброволно го отслужуваат воениот рок брои 77 војници од кои 8 се припаднички од понежниот пол.

 

На свеченоста присуствуваа: државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, директорот на ГШ на АРМ, генерал мајор Димче Петровски, заменик на командантот на Здружената оперативна команда ЗОК, бригаден генерал Павле Арсоски, градоначалниците на општина Велес и Чашка, претставници од командите и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднини на војниците и други гости.

 

Директорот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Димче Петровски им ја честита дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во обуката во редовите на АРМ. Тој посочи дека со служење на воениот рок се отвора можноста за надградба во воената професија и се креира база за понатамошна селекција во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија.

 

Во своето обраќање Државниот секретар на МО, Драган Николиќ им ја честита дадената заклетва на војниците посакувајќи им успех во обуката во редовите на АРМ. Воедно им порача дека воената професија е предизвик, чест и гордост за младиот човек и дека нивната задача е да научат што е можно повеќе од тајните на воената вештина.

 

Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковникот Арбен Јакупи во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Тој посочи дека со служење на воениот рок се отвора можноста за надградба во воената професија и се креира база за понатамошна селекција во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија.