23.02.2017

 

Почеток на Примарен курс за лидери 1-17 во Центарот за индивидуална обука

Врз основа на концептот за развој на професионалните војници, на 21.02.2017 година во Командата за обука и доктрини започна реализација на Примарен курс за лидери 1-17. Курсот го посетуваат професионални војници, припадници од единиците на Армијата на Република Македонија.

 

Целта на курсот е слушателите да се обучат и оспособат за реализација на должностите во единиците како лидери на тимови – десетари. За време на курсот тие треба да се обучат за работа со луѓе, со методските подготовки за успешно реализирање на обуката, како и правилно применување на тактиките, техниките и процедурите на ниво на тим, при извршување на борбени задачи.

 

Темите и содржините од курсот се реализираат преку усни излагања и  дискусија, а посебен акцент се става на практичната обука со што професионалните војници се стекнуваат и ги унапредуваат своите знаења кои понатаму ќе ги користат во матичните единици.

 

Со завршување на овој курс професионалните војници добиваат сертификат за завршен курс и со тоа исполнуваат еден од условите во иднина да бидат кандидати за Основениот курс за подофицери (ОКПОФ).