31.01.2017

 

Почеток на Курс за инструктори во Центарот за индивидуална обука

 

 

 

 

 

 

 

Согласно План календарот за обуки во Командата за обука и доктрини за 2017 година, на 31.01.2017 година, во Центарот за индивидуална обука започна Курсот за инструктори 1-17 (КзИ 1-17).Курсот го посетуваат подофицери, припадници од единиците на Армијата на Република Македонија.

 

Во наредните дваесет дена слушателите на курсот преку практична работа треба да се оспособат за непосредно изведување обука на подофицери и професионални војници во своите единици. Во процесот на обука идните инструктори ќе имаат можност да се запознаат со техниките и системскиот пристап кон обуката, да ја разберат етиката/кодот на инструкторот, правилно да менаџираат со времето и соодветно да ги применуваат одредбите од усвоените правила. Меѓу другото, тие ќе стекнат нови знаења, вештини и навики кои ќе ги применат при реализација на обуката, а преку методиката на изведување обука, ќе се оспособат за пронаоѓање на најдобриот пристап кон групата со која изведуваат обука.

 

За време на церемонијата со која се означи почеток на курсот, командантот на Центарот за индивидуална обука потполковник Газменд Абдиу и главниот подофицер на Командата за обука и доктрини главен наредник Веле Ристовски ги поздравија слушателите и им посакаа успешна работа. Преку своите обраќање, тие побараа максимална заложба на сите учесници и посочија дека за успешно завршување на курсот ќе добијат комплетна поддршка од тимот на инструктори.