02.05.2017

 

ВОЕНИОТ ОРКЕСТАР НА АРМ НА КОНЦЕРТ ПРЕТСТАВИ НОВИ ЧЕКОРНИЦИ

Воениот оркестар на АРМ во склоп на активностите за одбележување на 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија одржа значаен концерт на воена музика во Домот на АРМ во Скопје.

 

Како и многупати досега Воениот оркестар од составот на баталјонот за почести изведе композиции од познати домашни и странски автори но и нови оригинални чекорници и маршеви пристигнати на конкурсот, распишан од Министерството за одбрана.

 

Изведбата на нови композиции со чекорници од композитори од Република Македонија има за цел збогатување на фондот на чекорници и композиции за Воениот дувачки оркестар посветени на Армијата на Република Македонија.

 

Воениот оркестар покрај  изведбата на воени чекорници која имаше натпреварувачки карактер и на која се избраа победнички композиции изведе и повеќе маршеви од познати светски композитори кои се веќе дел од фондот на оркестарот меѓу кои од Петар Илич Чајковски, Џон Филип Соуса, Јохан Штраус и Џон Вилиамс.

 

Воениот оркестар во досегашниот период во  соработка со локалните самоуправи во повеќе наврати реализира многубројни концерти низ Република Македонија, како и повеќе самостојни концерти во главниот град на Република Македонија.

 

Во текот на минатата година беа реализирани настапи во Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија, со што достојно да ја претставува Армијата на Република Македонија и на меѓународен план.