УЧЕСТВО ВО МИРОВНАТА ОПЕРАЦИЈА „ИСАФ“ ВО АВГАНИСТАН
Република Македонија го започна своето учество во НАТО предводената операција „ИСАФ“ во август 2002 година, со испраќањето на два офицери како дел на турскиот контингент. На 8-ми септември, денот на независноста на Република Македонија, македонското знаме беше за прв пат развиорено во Кабул. Во март 2003 година, Армијата на Република Македонија го зголеми својот придонес во „ИСАФ“ мисијата со испраќање на едно одделение од составот на втората пешадиска бригада, како дел од германскиот контингент. Како резултат на успешното извршување на мисијата и високите оценки добиени за учество во „ИСАФ“, од август 2004, па се до крајот на 2006 година, АРМ учествуваше со еден механизиран пешадиски вод од единицата Леопарди. Истовремено, во август 2005 година, во „ИСАФ“ е упатен и медицински персонал, како дел здружениот медицински тим во А3 формат (Македонија, Албанија, Хрватска), кој успешно извршуваше задачи на кабулскиот аеродром, најпрво во состав на грчката полска болница, а потоа во состав на чешката полска болница.
Засновано на оценките на Алијансата во делот на декларираните единици од АРМ, кои ги достигнаа бараните строги стандарди во делот на обука и оперативните процедури, а во линија со Концептот на оперативни способности (OCC), АРМ во јуни 2006 година, испрати и една механизирана пешадиски чета, дел на првата механизирана пешадиска бригада, во состав на британскиот контингент во „ИСАФ“. Покажаната доверба од Обединетото Кралство кон деведесетте „шкорпиони“ од првата пешадиска бригада, беше во целост оправдана.
Високите оценки од највисоките командни структури за работата на единицата, како и научените лекции се само императив за продолжување на успешната мисија.
Во втората ротација на четата за обезбедување на командата на „ИСАФ“, Република Македонија го зголеми присуството од деведесет на 127 (сто дваесет и седум) учесници, а од јануари 2008 година, испрати и тројца штабни офицери во командата на „ИСАФ“ во Кабул.
Како поддршка на напорите за самоодржливост на Авганистанската национална армија (АНА), започнувајќи од март 2008 година, Република Македонија испрати двајца припадници (еден офицер и еден подофицер) како дел на здружениот мултинационален Оперативен менторски тим за врски (OMLT) во Мазар е Шариф додека, започнувајќи од декември 2008 година, во соработка со Кралството Норвешка, македонски медицински персонал е вклучен преку еден хируршки тим во организациската структура на хируршка единица при норвешкиот Провинцискиот тим за реконструкција (PRT) во Мејмана, Авганистан.
Учеството на Република Македонија и Армијата на Република Македонија во НАТО предводената мировна операција „ИСАФ“, продолжи да се зголемува. Така, од јануари 2009 година, уште 3 (три) припадници на АРМ (двајца офицери и еден подофицер), како дел од Оперативен менторски тим за врски (OMLT) беа упатени во реонот на Кундуз, за менторирање на припадниците на АНА. Во март 2010 година, во рамките на билатералната соработка со ВС на САД, поточно со единица на Националната гарда на сојузната држава Вермонт, САД, 79 (седумдесет и девет) припадници на пСО и бВП, во една ротација, беа распоредени за извршување на задачи во мировната операција „ИСАФ“.
Зголеменото учество во оваа мировна операција носи и големи обврски и одговорности. Поради тоа, со ротацијата на механизираната пешадиска чета во јули 2009 година, за првпат е испратен офицер на АРМ како најстар национален претставник во мировната операција „ИСАФ“.
Учеството на припадниците на АРМ во мировната операција „ИСАФ“ е високо ценето од земјите членки на НАТО и партнерските земји. Како резултат на тоа, а со цел јакнење на регионалната соработка и заеднички придонес во воспоставување на светскиот мир, во рамките на А-5 иницијативата (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора), а со поддршка на САД и Словенија, како придружна членка, во 2011 година, започна подготовка на персонал за учество во мировната операција „ИСАФ“, во рамките на НАТО мисијата за обука – Авганистан (НТМ-А). Како водечка нација е Република Хрватска во проектот за менторирање на персонал на АНА во Школо на воена полиција, во гарнизонот Даруламан, во реонот на Кабул. Првиот контингент во оваа регионална иницијатива е упатен во септември 2011 година, а Република Македонија учествуваше со 3 (три) штабни офицери. Во февруари 2012 година, учеството во оваа регионална иницијатива е зголемено за уште 5 (пет) лица, во рамките на мобилен тим за обука.
Во моментот Република Македонија учествува со најстар национален претставник, една механизирана пешадиска чета (сто четириесет и девет војници), еден офицер во Здружената меѓународна команда на „ИСАФ“ во Кабул, еден подофицер на аеродромот КАИА, пет старешини како дел на мултинационалниот ОМЛТ во Мазар е Шариф и двајца офицери во Школото на воена полиција на АНА во реонот на Кабул. Вкупниот број на учесници во моментот е 159 (сто педесет и девет).
Досега Република Македонија учествувала вкупно со 2169 (две илјади сто шеесет и девет) лица во мировната операција „ИСАФ“.
Фото галерија